Доктор Ленче Нелоска од ВМРО-ДПМНЕ денес одржа прес-конференција на која зборуваше за личниот пи-ар на министерот за здравство, венко Филипче. Потфрливте во спроведувањето на протоколите кои се на располагање на цел свет, рече Нелоска. Прес-конференциите и стикерите, видовме дека не помагаат. Забележливо е за сите дека системот ви е нефункционален, алгоритмот одамна нефункционира. Повеќе од 10% од заболените се здравствени работници. Вашите избраници и вие, министре, дозволивте војската на здравствени работници да се истроши непотребно, пред одлучувачката битка, посочи Нелоска.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралниот текст од одржаната прес-конференција:

– Впечатокот ми е дека министерот Филипче, не го забележа или го игнорираше крикот на војниците на првата борбена линија. Во воената терминологија има поими, како дезертери, воени шпекуланти, кукавици, воени профитери, но и јунаци и херои. Со вашето однесување министре, во изминатиов критичен период и покрај огромните напори на вашиот пи-ар тим, не станавте ни јунак, ни херој. Прес-конференциите и стикерите, видовме дека не помагаат.

– Потфрливте во спроведувањето на протоколите кои се на располагање на цел свет. Наместо на вашите надредени да им поставувате ултиматуми, вие се грижевте за личниот пи-ар и политичката агенда на вашиот шеф. Наместо да ги отстраните неспособните капетанчиња, се опкруживте со бескорисни полтрони. Вашите избраници и вие, министре, дозволивте војската на здравствени работници да се истроши непотребно, пред одлучувачката битка.

– Забележливо е за сите дека системот ви е нефункционален, алгоритмот одамна нефункционира. Повеќе од 10% од заболените се здравствени работници. Наместо проактивна вие спроведувате реактивна стратегија! Свесни за погрешно мотивираниот и лош менаџмент на оваа здравствена криза, уште пред повеќе од еден месец почнавте да си создавате алиби за вашиот неуспех, кој беше логично предвидлив. Започнавте со здравствените работници.

– На наше инсистирање на едукација на здравствените работници, Вие реплициравте дека тоа се учи во средно медицинско училиште. Бројот на заразени здравствени работници ве демантираше, но и тоа не беше причина да преземете мерки за корекција на проблемот. Наместо систематична, планирана едукација, здравствените работици го поминаа патот на самоедукација, потпирајки се на едукативни материјали од странство. Наспроти тоа, сведоци сме на стотици научни трудови од цел свет кои токму едукацијата на здравствените работници ја сметаат за базична во справување со пандемијата.

– Резервниот кадар требаше да се селектира пред два месеци и да се започне нивната едукација. Не смеевте министре да пуштите без обука ниту еден доктор, сестра, болничар на првата линија на фронтот. Со тоа ги ставате во ризик сите и директно сте одговорен за нивното здравје. Сега за вашиот неуспех одговорноста ја префрлате и на граѓаните, и тие не ви се по волја.

– Ова е најзлоупотребувана ненаучна теза, пред се од министерот, а потоа и на сите негови навивачи, дека нашиот народот е прост и неписмен, и дека таа карактеристика на нашиот народ го објаснува неговиот личен дебакл. Тенденцијата да се обвини населението е амнестија на власта. Сведочиме дека не се пристапува кон ефикасна, брза, прилагодена на нашето население кампања за едукација.

– Науката вели дека никаде во светот нема 100% информираност на граѓаните, ниту на здравствените работници.

– Здравствената едукација на населението не може да е планирана и спроведувана само од пи-ар експерти. Ако ја консултираат науката здравствените власти ќе знаеја дека промената на однесување на луѓето не е лесна, дека не се доволни прес-конференции, туку постојат научни теориски модели. Едукацијата се адаптира на локалните услови. Основна премиса е едукаторите да потекнуваат од заедницата и да делуваат во таа заедница.

– Нашиот народ е мудар и умен, само треба да сакаш да му помогнеш. Вашата неспособност ја покривате со импровизација. А, со постојана импровизација цената ќе биде ненадоместлива. Затоа вашиот пораз е неизбежен!