Последниот извештај за несреќи при работа што години наназад го изработува Македонското здружение за заштита при работа потврдува дека се уште се гине на работното место. Дваесет и четирите регистрирани случаи со смртни последици на работното место во 2017 година покажува дека има благо зголемување на бројот на несреќи што го иницира размислувањето дека е потребно да се стори дополнително нешто на ова поле.

Прашањето кое се наметнува е дали треба да се пристапи кон измени и дополнувања на постојниот Закон за заштита и безбедност при работа, што е донесен пред 11 години и во изминативе години претрпе 10-тина измени или да се изготви сосема нов закон. Освен ова, треба да се работи и на зголемување на јавната свест кај работниците и работодавачите за безбедноста и здравјето при работа, а има и размислувања дека е потребно вклучување на безбедноста и здравјето при работа во образовниот процес, минимум од средното образование.

Професорот по трудово право Агим Шаќири неодамна во дебата истакна дека од одредени измени произлегуваат потешкотии за нивно спроведување, од друга страна, пак, со ревидирање на Законот тој треба да се ослободи од многубројни одредби што по својата природа и содржина уредуваат управна постапка.

Од Македонското здружение за заштита при работа велат дека зголемениот број на несреќи при работа со смртен исход, потврдува дека целиот систем некаде потфрлува и нагласуваат дека сите страни вклучени во обезбедувањето на безбедни работни услови имаат обврски, секој во својот домен, да се грижат за имплементацијата на безбедноста и здравјето при работа.

  • Се чини, како да се избега од основната цел на Законот- поттикнување на превентивната култура. Од друга страна, потребно е да нема различно толкување и да се овозможи практична применливост. Да се разгледаат особено одредени измени што се дискриминаторски кон одредена целна група студенти, царина итн. Потребно е вклучување на безбедноста и здравјето при работа во образовниот процес, минимум во средното образование со цел покревање на јавната свест, зголемување на свесноста кај најмладите за можните ризици на работното место. Со таа цел, неодамна, по повод одбележување на 28 април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Македонското здружение за заштита при работа организираше трибина каде главни говорници беа средношколци од стручни училишта, претставници од студентски организации. Генералниот заклучок беше дека потребна е едукација од најрана возраст, поголема застапеност во образовниот процес, да се организираат повеќе вакви дискусии каде ќе се говори за значењето на оваа област, посочуваат од здружението.

Оттаму истакнуваат дека работодавачите треба континуирано да ја подобруваат безбедноста на работа, работниците да ги применуваат безбедносните практики на работење, а инспекциските служби да вршат инспекциски надзори согласно законската легислатива.

  • Голем дел од работодавачите, се уште, сметаат дека вложувањето во безбедноста и здравјето при работа е трошок и немаат практика за проектирање на буџет. Работниците треба да ги применуваат безбедносните практики на работење, доколку им се дадени соодветни безбедносни уптаства, да користат соодветна лична заштитна опрема секако доколку им е доделена, да одбијат дури и да работат на небезбеден начин, секако доколку се обучени да препознаваат ризици итн, инспекторите да вршат инспекциски надзори согласно законската легислатива и тоа без исклучок/привилегии без разлика на ограничените човечки и технички ресурси за што секако државата треба да превземе мерки. Професионалците/стручните лица за безбедност при работа, професионално да си ја вршат својата работа, препорачуваат од Здружението.

Магистер Снежана Јанкова Петковска, стручно лице за безбедност при работа и член на Македонското здружение за заштита при работа, укажува на тоа дека е потребно да се зајакне улогата и учеството на вработените во безбедноста и здравјето при работа на ниво на компанија.

  • Во голем број компании, вработените не знаат кој е нивен претставник. Потребно е да се одржуваат редовни состаноци каде што самите тие ќе ги преточат идентификуваните можни ризици и опасности, ќе даваат предлози за нивно надминување. Тоа би било можно уредено преку одбори на ниво на компанија. Без информиран, консултиран, обучен и мотивиран работник нема успешен правен субјект, вели Јанкова-Петковска.

Од Министерството за труд и социјална политика, кое е надлежно за оваа област, истакнуваат дека во тек е анализа со која треба да се детектираат проблемите.

  • Во тек е анализа, која е поддржана од Меѓународната организација на трудот, со вклучување на домашни и меѓународни експерти, во која треба да се детектираат проблемите, со цел да се пристапи кон подобрување на условите на работните места заради намалување на опасноста од ризик. Притоа ќе се земат предвид досегашните решенија и предлози за решенија кои ќе допринесат до обезбедување на здрава и безбедна средина за попродуктивни работници и економски раст. Во процесот на подготовка на Законот, ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучувајќи ја бизнис заедницата, експертската заедница, граѓанскиот сектор, професионални асоцијации и сл, се вели во одговорот од ресорното Министерство.

На прашањето дали сметаат дека е подобро да се направат измени на постојниот закон или да се пристапи кон подготовка на сосема нов закон, оценуваат дека за нив во овој момент е посоодветно да се подготви нов закон кој ќе биде јасен, концизен и ќе ги уреди сите прашања, а којшто ќе биде усогласен со законодавството на Европската унија и со конвенциите на Меѓународната организација на трудот.

Скопје, Куманово и Штип со најмногу несреќи на работното место

Податоците од годинашниот извештај на Македонското здружение за заштита при работа покажуваат дека во Македонија се случиле 158 несреќи на работа и оти стапката на смртни случаи изнесува 3,22 и е зголемена во споредба со 2016 година кога изнесувала 2,62.

Во споредба со Велика Британија каде стапката изнесува само 0,5, Македонија има прилично висока стапка на фатални несреќи при работа.

Интересно е и тоа што во 70% од градовите во Македонија лани се случиле несреќи на работа, а најмногу од нив во Скопје по што следуваат Штип и Куманово. Во овие три градови се евидентирани и најголемиот број на несреќи со смртни последици.

Најмногу на работното место се повредуваат вработените на возраст од 25 до 34 години, додека лицата од 45 до 54 години се оние кои најчесто гинат на работа.

Според податоците од извештајот, се уште, мажите повеќе страдаат на работното место, но зголемен е и бројот на жени кои во 2017 година загинале на работа. Така, лани пет жени загинале на работа во споредба со 2016 година кога е евидентиран еден ваков случај.

Понеделник и четврток се посочуваат како денови кога се случиле најголем број на повреди и несреќи на работното место, а април е месецот со најголем број несреќи, додека во октомври се случиле најмногу несреќи со смртни последици.