Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите на моторни возила да ја намалат брзината, да бидат внимателни и одговорни учесници во сообраќајот, правилно да престигнуваат и да ги почитуваат велосипедистите и мотоциклистите како рамноправни учесници во сообраќајот.

Воедно, им препорачува на мотоциклистите и велосипедистите да бидат максимално одговорни во сообраќајот и максимално да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и додаваат дека постојано расте бројот на велосипедисти и мотоциклисти – учесници во сообраќајот.

– Велосипедистите и мотоциклистите и понатаму остануваат најранливи групи на учесници во сообраќајот. Ако се земе во предвид делот од сообраќајот кој им припаѓа ним и нивното учеството во вкупниот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди ќе заклучиме дека број на загинати и повредени велосипедисти и мотоциклисти во сообраќајни незгоди е несразмерно висок во однос на тоа во колкав дел од сообраќајот тие учествуваат, велат од РСБСП.

Факт е, додаваат, дека и велосипедистите и мотоциклистите се помалку заштитени во споредба со другите возачи на моторни возила и со самото тоа и повеќе се изложени на ризик и опасности во сообраќајот, но исто така факт е и дека несоодветната сообраќајна инфраструктура, несовесните возачи и ниското ниво на сообраќајна култура значително ја влошува безбедноста на велосипедистите и мотоциклистите во сообраќајот.

– Единствено со меѓусебно почитување и толеранција од сите учесници во сообраќајот, со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот, може да се намали бројот на настрадани велосипедисти и мотоциклисти во сообраќајни незгоди, односно да се намали вкупниот број на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. Затоа РСБСП уште еднаш повикува на одговорно учество во сообраќајот како редовна обврска на секој учесник во сообраќајот, потенцират од РСБСП.