Бројот на заболени од Ковид-19 во регионот е во се поголем пораст. Имено во Албанија, Хрватска и Босна и Херцеговина од почетокот на пандемијата е регистриран рекорден број на заболени. И Македонија се соочува со истиот проблем така што во текот на вчерашниот ден беа детектирани дури 205 заболени за 24 часа.

Во Албанија во последното деноноќие беа регистрирани 93 нови заболени, а четворица пациенти починаа. Од албанското Министерство за здравство велат дека од почетокот на пандемијата ова е највисоката бројка на ново заболени случаи од Ковид-19.

Во Босна и Херцеговина, пак здравствените власти соопштија рекорден број на инфицирани, 316, што претставува зголемување во однос на бројот на заразени од претходниот ден, кога тој изнасуваше 310 лица.

Хрватска за изминатото деноноќие регистрираше 140 нови случаи на заболени од коронавирусот, додека во текот на претходниот ден тој број изнесуваше 116 случаи. Вкупниот број на починати од почетокот на пандемијата изнесува 118 лица, а бројот на активни случаи во земјата е 1 088 лица.

Србија исто така се соочува со сериозно покачување на бројот на заболени, па така денес беа регистрирани 345 нови случаи на Ковид-19.

Состојбата со коронавирусот во Македонија и регионот станува алармантна. Бројот на заболени расте, капацитетите на инфективните одделенија се исполнуваат, а некои држави размислуваат за пренамување на одредени одделенија во нови Ковид-болници со што би се овозможило неопходното згрижување на новите случаи на заболени од вирусот.