Во текот на вчерашниот ден, Владата на седница одлучуваше за враќање на хронично болните на работа. Нивното враќање на работните места се очекуваше да започне од следната недела, а точниот датум требаше да се утврди дополнително.

Но денеска Министерот за здравство Венко Филипче, одржа состанок со здруженијата на хронично болните по што се донесе одлука дека нивното враќање на работа ќе биде одложено, а датумот на кој тие ќе треба да се јават на своите работни места да биде 23 септември.

Ваквата одлука, според заклучоците од состанокот, ќе обезбеди доволно време за ваквите пациенти да се јават кај лекар специјалист и доколку им е влошена здравствената состојба и се наоѓаат во ризична категорија ќе им биде издадена потврда за боледување со која и понатаму ќе бидат ослободени од работа.

Фондот за здравствено осигурување, пак направи измени во правилникот за издавање на боледување, со што оние хронично болни на кои им е влошена здравствената состојба ќе добијат потврда од лекар специјалист за боледување на неопределно време и нема да имаат потреба од закажување на контролни прегледи за продолжување на боледувањето.

Денешниот состанок се одржа на барање на здруженијата на пациенти кои посочија дека не може да се направи групирање на пациентите со хронични болести. Категоризирањето како што наведуваат, ќе зависи од работното место на луѓето, степенот на болеста, местото на живеење, дали има ремисија на болеста, каква е терапијата која мора да се користи и слично.

Крајната одлука за тоа кој ќе се врати на работа, сепак ќе ја имаат лекарите специјалисти кои ги водат ваквите хронично болни пациенти, посочи министерот Филипче во изјава за медиумите.