По вчерашниот отказ на трите медицински сестри меѓу кои беше и главната медицинска сестра на Инфективната клиника во Скопје, се огласија и од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри. Тие се повикуваат на фактот дека се додека не постои закон кој ќе ја регулира професијата на медицинските сестри, вакви и други негативни случувања за жал ќе бидат се почеста појава во нашата држава.

– Она што загрижува е што јавноста и сите политички чинители овие проблеми ги согледуваат само на краток рок, во моментот кога се најинтензивни, наспроти нашите долгогодишни заложби, апели, предлози и правно формулирање за унапредување на сестринската дејност во согласност со европските директиви, велат од Здружението. Тие објаснуваат дека кога се зборува за Закон за сестринска дејност, не мислат само на покачување на коефициентите за плата со цел вреднување на трудот на една медицинска сестра, туку многу повеќе.

Министерот за здравство, Венко Филипче, пак на својот фејсбук профил напиша дека утрово остварил средба со медицинските сестри кои поднесоа барања за отказ. По разговорот со нив тој посочи дека откако ќе им заврши заслужениот одмор повторно ќе седнат на маса и ќе се договорат како да ја продолжат заеднички битката со Ковид-19 на Инфективната клиника.

Од Здружението на медицински сестри посочуваат и дека медицинските сестри се исцрпени, максимално пожртвувани, а во исто време и заборавени од системот. Како уште еден проблем со кој се соочуваат е и лиценцата за работа која се остава да биде на маргините и не е регулирана со закон.

– Лиценцата за работа е уште еден голем недостаток кој со себе повлекува низа проблеми поврзани со значењето на квалитетен и задоволен кадар. Во време кога многу одамна сите високообразовни, но и многу занаетчиски професии поседуваат лиценци за работа, апсурдно и недозволиво е една ваква круцијална професија да биде постојано оставана на маргините и да се занемарува потребата од соодветна правна регулатива.

Министерот Венко Филипче во изјава за медиумите најави дека ќе има средба со вработените од инфективната клиника и верува дека зголемениот стрес и умор е причина за несогласувањето во оваа болница. Инаку причината за поднесените барања за отказ биле нарушените меѓучовечки односи и комуникација со повишен тон по што медицинските сестри изреволтирани по околу 30 годишно искуство на Универзитетската Клиника за Инфективни болести побарале отказ.