На Гинеколошко-Акушерската клиника во Скопје се роди бебе кое е заразено со коронавирус. Директорката на клиниката, Викторија Јовановска, во изјава за медиумите посочи дека не станува збор за вертикална трансмисија, туку дека бебето имало контакт со мајката по раѓањето и така се заразило.

– Во случајот мајката имаше контакт со бебето. Бебето е третирано после контактот со мајката, значи сепак не се работи за вертикална трансмисија, туку контактот мајка-дете си го направило своето. Се е во ред, нема никакви отстапувања, немаат никаква клиничка симптоматологија за инфекција со Ковид-19. Тие се испратени дома во изолација. Значи мајката и бебето се добри и испишани се за дома, изјави директорката Викторија Јовановска.

Министерот Филипче ја потврди информацијата и посочи дека ќе се направи уште еден контролен тест за да се потврдат сомнежите.

– Да видиме денеска каков ќе биде резултатот и на мајката и на бебето, па да дадеме коментар. Само да стигне контролниот брис, за да знаеме каков бил начинот на трансмисија. Досега нема објавен случај за таква вертикална трансмисија, можно е преку доењето. Нека стигнат овие контролни тестови, па да видиме за што точно станува збор, додаде Филипче.