Општата болница во Велес во текот на вчерашниот ден имаше пополнет број на кревети со пациенти болни од Ковид-19. Токму поради ваквата состојба раководниот тим на болницата одлучи да го зголеми бројот на легла на Инфективното одделение, од 35 на 46.

Доктор Весна Неделковска Николова во изјава за медиумите посочи дека до крајот на неделава ќе се додадат уште осум легла преку оспособување на некои простории на ова одделение. Таа додаде и дека од ова одделение денеска се испишани девет пациенти кои се успешно излекувани. Со денешното пуштање дома на девет излекувани пациенти моментално на одделението се лекуваат 26 пациенти од кои 24  позитивни на Ковид-19 и двајца сомнителни. Девет пациенти се на кислородна поддршка.

Само еден 41 – годишен пациент поради влошена состојба бил префрлен на Клиниката за Инфективни болести во Скопје, информира доктор Николова.