Министерот за здравство, Венко Филипче денес ги презентираше новите мерки кои Комисијата за заразни болести утре ќе и ги предложи на Владата. Станува збор за ограничување на работата на сите економски оператори до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 проценти и препорака до целата државна и јавна администрација, општини и судови, работниот процес да се одвива во смени, онлајн од дома или по систем на ротации.

Тој додаде и дека доколку мерките не дадат резултат во земјава повторно ќе се воведе полициски час.

– Ситуацијата е навистина сериозна. Следен чекор би било целосно ограничување на движењето, односно полициски час. Да собереме сили да го избегнеме тоа, доаѓаат уште постудени зимски месеци. Верувам дека граѓаните се веќе свесни, секој ден ги објавуваме статистиките. Ова е последниот чекор пред воведување полициски час“, порача Филипче.

Мерките кои денеска ги предложи Комисијата, како и оние за задолжително носење маска на отворено, забраната за групирање на повеќе од 4 лица по 22 часот, како и за поголеми семејни собири, за да стапат на сила треба да го поминат собранискиот филтер. Филипче очекува до крајот на неделава потребните законски измени да бидат изгласани.

Во однос на градинките, Министерката за труд и социјала, Јагода Шахпаска истакна дека согласно епидемиолошката слика ќе делуваат и ќе донесуваат одлуки. Бројот на новозаболени дечиња достигна 18, а 303 се наоѓаат во изолација.