Во текот на последново деноноќие две пациентки на возраст од 67 години починале на Инфективното одделение во Штипската Клиничка болница. Двете пациентки, кои починале од компликации од коронавирусот, се од Виница и Берово.

На Инфективното одделение во штипската клиничка болница има хоспитализирано 50 пациенти, од кои 48 се позитивни, а двајца се сомнителни случаи и за нив се чекаат резултатите од тестирањето.

Во моментов на ова одделение има пет слободни болнички кревети, а притисокот врз ова одделение се намали откако пред седум дена кочанската болница почна да прима пациенти, на кои им треба болничко лекување од целиот источен регион. Оваа болница е со капацитет за 25 пациенти.

Во Виница денес се регистрирани 2 нови случаи на заразени со Ковид-19, а во Берово 6. Бројот на активни случаи во Виница изнесува 58, а во Берово 49.