Коронакризата повторно удри по џебот на граѓаните. Иако тестовите за Ковид-19 се прават во рамките на државните пунктови, а негата за пациентите се извршува во инфективните одделенија на државните болници, сепак дел од граѓаните се приморани или самите одбираат истите услуги да ги добијат во приватното здравство.

Имено според информациите, приватните установи во земјава за хоспитализација наплаќаат и до 20 000 евра, се зависи од тоа колку време пациентот болен од Ковид-19 има потреба да помине во болнички кревет. Приватните лаборатории, пак нудат средна цена за тест во износ од 3000 денари. Но доколку имате потреба од експресни резултати готови за два часа, се плаќа и до 12.000 денари на приватно.

Причината за ваквата состојба во здравството е долгиот ред на чекање во државните пунктови, по што луѓето се одлучуваат дека здравјето нема цена и решаваат да платат поскапа цена од онаа референтната на Фондот за здравство која изнесува 1850 денари по тест. Податоците на Институтот за јавно здравје говорат дека 110 илјади луѓе не чекале ред во државните пунктови за да се тестираат. На приватно од март до денеска се направени 114 илјади тестови.

Засега здравствените власти се обидуваат да ги зголемат болничките капацитети преку најразлични преадаптации на одделенијата. Во меѓувреме Министерот за здравство Венко Филипче поради негодувањето на јавноста дека цените се превисоки за тестирање на приватно, апелираше клиниките и лабораториите да ги намалат цените за тестирање и да се откажат од профитот во време на пандемија.

Досега дури шест милиони евра се слеале во приватните лаборатории што вршат испитување на Сарс-Ков 2, затоа што граѓаните или брзале да го направат тестот, или немало слободни термини преку матичните лекари и „Мој термин“.