Епидемијата со коронавирусот во Македонија според министерот за здравство, Венко Филипче, го достигна својот пик. Во текот на денешниот ден тој посочи дека ситуацијата со активните случаи на Ковид-19 во земјава е стабилна, а полицискиот час по 21 часот нема ништо да донесе.

Тој потенцираше дека и наредните 2-3 месеци се очекува лесно намалување на бројката на новоинфицирани, а упати и апел да не се пијат антибиотици на своја рака, бидејќи прекумерната употреба на лекови може да има и фатални последици.

„Евидентно е дека сме на едно плато. Пред една недела или нешто повеќе, беше регистриран најголемиот број на случаи, во еден ден имавме 1.400 и од тогаш бројката лесно се намалува, а ние тоа го чувствуваме и со притисокот кон болниците. Сега сметаме дека нема потреба да се препорачува ништо друго и да објаснам зошто. Полициски час по 21 часот навечер практично сметаме дека нема ништо да донесе“, изјави тој.

Според информациите од Институтот за јавно здравје процентот на позитивни случаи од тестираните генерално се движи меѓу 36 и 41 процент, а највисок процент – 41,2 на позитивни од тестирани е регистриран на 17 ноември, кога има најголем број нови случаи – 1407. Потоа бројот на нови случаи благо опаѓа.

Министерот посочи и дека граѓаните треба да ги почитуваат досегашните мерки и да не се групираат во домашни услови. Во однос на смртните случаи Филипче вели дека евидентен е порастот и на глобално ниво и кај нас, но охрабрувачки е бројот на оздравени пациенти.

Од денеска започнува постапката за набавка на брзи тестови, а очекувањата за нов силен бран по Нова Година се со резерва бидејќи не е познато како ќе се однесува вирусот, рече Филипче.