Пациентите кои имаат потреба од надомест за нега мака мачат со закажувањето на термини. Матичните лекари имаат проблем со компјутерскиот систем, така што времето за чекање може да трае и до 6 месеци. Правото за надомест на нега вообичаено се бара за лица кои не можат да се грижат сами за себе, а висината на надоместокот се движи од 4000 до 4500 денари месечно.

Оние кои веќе земаат надомест за нега, мораат истиот да го обновуваат еднаш годишно, а оние на кои им истекува рокот, доколку не добијат термин за комисија се соочуваат со престанок на паричниот надомест. Матичните лекари бараат од надлежните министерства за здравство и труд да го вратат стариот модел.

Министерството за труд и социјална политика вели дека се формирани 15 комисии во земјава, кои месечно на располагање имаат по 200 термини или вкупно 3000 термини. Проблемот го лоцираат во зголемениот број барања за надомест за нега, но неговото решавање не го гледаат во враќање на стариот модел како што бараат матичните лекари.