Дури 410 случаи на малигни заболувања повеќе биле регистрирани во 2016 година во споредба со 2010 година на територијата на Општина Битола. Според податоците што Центарот за јавно здравје во Битола ги достави до Советот на Општина Битола, во 2010 година се лекувале 1.291 пациенти од малигни неоплазми, додека во 2016 година бројот пораснал на 1701.

Од независната советничка група „Поинаку“ побараа преземање на итни мерки.

  • Повеќето од вас тука знаат дека Битола е центар и го води орото на заболени луѓе во градот. Сметам дека како совет и како општина треба некои прашања да ги кренеме на многу повисоко ниво и мислам дека ова е момент кога некој, било кој ќе покрени некоја иницијатива со која Општина Битола ќе почни да презема било какви активности за овој проблем на градот, вели Габриела Илиевска од „Поинаку“.

Пораст бележи и стапката на смртност од малигните болести. Ако во 2010 година изнесувала 12,6 на 1000 жители, пред две години достигнала до 16,7.

  • Од Центарот за јавно здравје во Битола посочуваат дека во 2016 година неоплазмите како причина за смрт со вкупна бројка од 382 умирања или стапка од 208,1 смртни случаи на 100.000 жители, се на второ место по заболувањата на циркулаторниот систем со 1161 смртни случаи или стапка од 632.6 на 100.000 жители.

Во Македонија, стапката на смртност на 100.000 жители од малигни заболувања во 2009 година изнесувала 173.8, 2010 година 171,5, во 2011 година 172,5, а во 2015 180,7. Споредбено со податоците од Битола, 23,1% процент е поголем од просекот на Република Македонија.

Според податоците од последното истражување направено минатата година во Битола од оџаците се испуштаат околу 37 тони ситна прашина. Годишната граница за зголемени вредности на ситна прашина е 35 дена, а Битола имала дури и над 120 дена со концентрации над дозволени граници.