О2 Иницијатива на својата фејсбук страна објави статус во кој се вели дека државниот завод за ревизија констатира потфрлање во решавањето на клучниот проблем на македонските граѓани, загаденоста на воздухот. Тие посочуваат дека квалитетот на воздухот кој го дишеме е на ниско ниво, а издвоените финансии за справување со проблемот се незначителни.

– Мерките кои се преземени во последниве три години не го промениле значително квалитетот на воздухот кој го дишеме, надзорот и контролата се на ниско ниво, а финансиите кои централните и локалните власти ги издвојуваат за решавање на овој проблем се незначителни, се вели во конечниот извештај од јануари 2021, за степенот на имплементација на препораките на ревизорите од 2017.

Во однос на претходните години, од Државниот завод за ревизија, утврдено е дека учеството на инвестициите и трошоците за заштита на воздухт во БДП во периодот 2017-2019 е НАМАЛЕНО во однос на претходните години и изнесува 0.03%, се вели во објавата.

Во продолжение ви пренесуваме дел од објавениот текст на О2 иницијативата на нивната официјална фејсбук страна:

– Малиот буџет кој се издвојува за борбата против загадувањето е причина, што и понатаму просечните годишни концентрации на ПМ10, во голема мера ги надминуваат утврдените гранични вредности во сите мерни станици, освен станицата во Лазарополе.
– Голем проблем е недостигот на стручен и компетентен кадар.
– Мониторингот над имплементацијата на мерките во планските документи се врши нередовно и нецелосно, односно ад хок и по барања од ЕУ, медиумите и граѓанскиот сектор.
– И понатаму, не е обезбедена целосност на податоците за Катастарот на загадувачи од причина што повеќе од 50 % од операторите кои поседуваат А и Б интегрирани еколошки дозволи немаат доставено податоци.

– Од вкупниот број надзори во 2017, 2018 и 2019 година, и понатаму незначителни 1% извршени се по Законот за квалитетот на амбиентниот воздух.
– Препораката е да се зајакне административниот капацитет, да се донесат законските решенија за квалитетот на амбиентниот воздухот и инспекцискиот надзор во животната средина, да се воспостави Национален информативен систем за животна средина и целосна база на податоци за Катастарот за животна средина, систем за подготовка и следење на планските документи и обезбедување на потребните финансиски средства за нивна реализација.