Британски медиуми денеска изјавија дека Имунизацијата против Ковид-19 со вакцините на Универзитетот во Оксфорд и „Астра Зенека“ на лица на возраст под 30 години ќе биде запрена. Ваквата одлука е донесена врз основа на препораките на Британската агенција за лекови и медицински производи (МХРА).

Агенцијата наведува дека луѓето на возраст меѓу 18 и 29 години, наместо со „Астра Зенека“ ќе бидат вакцинирани со вакцината „Фајзер“ или „Модерна“. Лицата под 30 години би требало да се вакцинираат со алтернатива на „АстраЗенека“ поради доказите кои ја поврзуваат оваа вакцина со редок тип на тромбоза, објави британското регулаторно тело МХРА.

Оние кои ја примиле првата доза од „АстраЗенека“ треба да ја добијат и втората, со исклучок на оние кај кои се развил еден од тие ретки типови на тромбоза, велат британските регулатори. Луѓето кои имаат крвни нарушувања треба да поразговараат со својот лекар за придобивките и ризиците пред да се вакцинираат.

Од регулаторното тело посочија дека несаканите ефекти се крајно ретки и ќе мора да се направат дополнителни истражувања дали вакцината предизвикува тромбоза. Придобивките од вакцината сѐ уште ги надминуваат ризиците кај мнозинството луѓе, што е поизбалансирано кај помладите возрасни групи.

МХРА утврдила дека до крајот на март, 79 луѓе во Велика Британија добиле тромбоза по вакцинирањего со „АстраЗенека“, при што 19 имале смртен исход.