Компирот е зеленчук со кој најчесто се гарнираат јадењата во нашата исхрана. Иако е многу вкусен, особено кога е одгледан на село на поголема надморска височина и без хемикалии, сепак прекумерното користење се поврзува со висок крвен притисок. Се разбира многу е важен начинот на кој се приготвуваат компирите.

Компирот сепак содржи многу витамини и други хранливи материи кои се клучни за нашето здравје. Еве пет причини зошто компирот е добар за здравјето.

Витамин Ц – Еден компир од 150 грама содржи во просек околу 15 проценти од препорачаната дневна доза на витамин Ц. Витаминот Ц е многу важен за нашето здравје, бидејќи ја подобрува работата на имунитетната функција, содржи антиоксиданти, игра клучна улога во формирањето на сврзните ткива, а исто така е важен и за здравјето на нашите заби.

Витамин Б6 – Овој витамин е клучен за работата на повеќе од 100 ензими во организмот, овозможувајќи им да ги разградат протеините – процес што е клуч за добра функција на нервите. Еден компир содржи околу една четвртина од препорачаната дневна доза на овој витамин.

Калиум – Калиумот е важен за регулирање на електричните сигнали во мускулите и нервите. Затоа премногу високи или премали количини на калиум во организмот можат да го запрат срцето. Печен и пржен компир содржи високо ниво на калиум, околу една третина од препорачаниот дневен внес. Но, луѓето кои имаат заболување на бубрезите, не треба да јадат компири. Имено, ако бубрезите не работат правилно, тоа може да ја оневозможи можноста за исфрлање на вишокот калиум од телото.

Помага во варењето – Готвењето и ладењето компири пред да ги јадете ви овозможува да создадете отпорен скроб. Овој здрав скроб му помага на нашето тело на многу начини, а исто така делува како пробиотик кој е важен за здрава микрофлора на цревата. Варениот компир претставува нискокалорична и хранлива храна.

Без глутен – Компирот исто така е природно без глутен, па затоа е одлична опција за луѓе со целијачна болест или за оние кои треба да избегнуваат глутен. Истото важи и за слаткиот компир, кој содржи малку повеќе калории и јаглехидрати.