Министерот за здравство Венко Филипче, по синоќешното гостување на една од нашите тв куќи информираше дека околу 110 илјади вакцини Фајзер преку Ковакс системот и околу 80 илјади преку нашиот директен договор треба да пристигнат во јуни. Од вакцината Синовак која последна ја одобри СЗО, тој посочи дека се очекува во Македонија да пристигнат 500 илјади дози.

На прашањето дали стравува од можноста населението да не сака да се вакцинира со оваа вакцина поради фактот што последна беше признаена од СЗО, истакна дека граѓаните треба да имаат доверба.

– Исто како што сите вакцини ги аплициравме до сега, треба целта да се постигне, колективен имунитет врз основа на ефикасноста на секоја вакцина поединечно, да се измери ефективноста на целокупниот процес, е нешто што ќе ја смени сликата за епидемијата. Така што, апсолутно граѓаните треба да бидат спокојни, сите вакцини се безбедни и се доволно ефикасни, кажа Филипче.

За зелените ковид пасоши тој посочи дека изготвувањето е при крај, а објасни дека доцнењето се должи на техничките предизвици кои произлегле од комуникацијата со лабораториите.