Британските медиуми информираат дека лажни ковид потврди се продаваат на интернет за само 100 фунти. Ова е случај откако во понеделникот Велика Британија ги отвори границите за целосно вакцинирани туристи. Според нивните информации криминалците печатат фалсификувани европски и американски документи во соработка со меѓународна мрежа на корумпирани лекари кои внесуваат лажни податоци за вакцинација во националните бази на податоци.

Еден од измамниците што продаваат сертификати навел дека секој сертификат е регистриран и автентичен и оти јасно покажува дека лицето е вакцинирано и внесено во државната база, со валиден идентификациски број. Откако објаснил дека со помош на оваа документација може да се влезе во неколку различни земји, додал дека се работи на пристап и до медицинските системи во други земји. Новинарите откриле шест такви криминални групи, со вкупен број од околу 230.000 следбеници ширум светот.

Британскиот министер за надворешни работи, Доминик Рааб, изјавил дека „не може да гарантира“ оти по отворањето на границите нема да има влез во земјата со лажни документи, но дека тоа е „малку веројатно“.