Службата за заеднички работи на Клиничкиот центар, или Јавната установа од областа на здравството, нема капацитет да ги преземе сервисите за чистење на скопските клиники, ниту пак да управува со паркингот, вели министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека Министерството за здравство овие сервиси уште пред многу години ги издало на приватни фирми, и дека сега со Службата и со Министерството за финансии работат на решавање на огромните долгови на оваа установа, поради кои неодамна повторно беше блокирана сметката.

„Во моментов, таа организација нема капацитет да ги преземе овие сервиси, ниту за чистење, ниту за регулирање на паркингот, оти нема кадар кој може да се справи со тоа. Следната недела имаме состанок со директорката да ги расчистиме овие работи. Тие имаат огромни долгови кои се наталожени со години, и сега треба да видиме како тие ќе се исплаќаат за да не се случи повторно блокирање на сметката. Освен долгови кон јавни претпријатија, како што беше случајот со долгот кон Водовод, има долгови и кон надворешни добавувачи. Заедно со Министерство за финансии се обидуваме да се структуира исплаќањето на долговите, оти таа служба обезбедува и лекови кон одредени клиники и не сакаме да има проблеми во функционирањето“, вели Филипче.

Директорката на Службата Шкодране Дардишта, која повеќе од една деценија управува со оваа институција, вели дека уште пред неколку години од поранешната Влада побарале преземање на сервисите за клиниките, како што се кујната, пералната и паркингот, и дека се способни да ги одржуваат. Иако тоа првиот момент кога ќе стапнете на клиники ќе дознаете дека не е така и дека и тука владее огромен хаос, ама мора секој да си го правда работењето, иако хаосот и зкрчениот сообраќај се очигледни.