Штипската Клиничка болница денеска ги доби двете нови амбулантни возила преку Програмата Грасрут проекти за човечка безбедност. При врачувањето на донацијата присуствуваа и амбасадорката на Јапонија во Република Македонија, Кеико Ханеда и заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски. Вредноста на новите возила е 40.262 евра.

– Забележувате дека на возилата има едно слатко маче, тоа е новата маскота на оваа јапонска програма по повод одбележување на јубилејот 30 години од доделувањето грантови во земјава. Овие се првите мачиња во Македонија, бидејќи ова е нашата прва церемонија на успешно завршен проект за оваа година и се надевам дека ви се допаѓаат. Уште еднаш се заблагодарувам на сите што ги поддржуваат нашите пријателски односи: градоначалникот на Општина Штип, заменик министерот Павлевски, директорот на болницата и медицинскиот персонал, Центарот за развој на источен плански регион, како и на сите граѓани на Штип. Се надевам дека преку овие проекти за соработка и многу други размени нашето пријателство ќе продолжи да зајакнува и во иднина, рече Ханеда.

Во Штип преку оваа јапонска програма досега се донирани над 190.000 евра, а во источниот регион над половина милион евра.

– Пред дваесет години добивме огромна донација во вид на медицинска апаратура и возила, од коишто голем дел и ден денес се во употреба. Се надеваме дека и понатаму ќе имаме уште повеќе зеднички проекти со јапонската Влада, којашто многу пати покажала дека е великодушна. Исто така, морам да се заблагодарам и на сите оние коишто помогнаа овој проект да се реализира, тоа се луѓето од Центарот за источен плански регион, како и од Општина Штип, рече Ален Ѓеорѓијев директор на Клиничка болница-Штип.