Економските директори во болниците и клиниките никако да се укинат. Иако процесот за разрешување на организациските менаџери почна пред една година веднаш по доаѓањето на новата власт истиот се стопира бидејќи ресорот здравство остана без министер. Целта за укинувањето на вториот директор беше неговиот месечен приход од околу 1000 евра да остане за подобрување на условите во јавната здравствена установа.

Само во Скопје во 15 јавни здравствени установи меѓу кои на Детската клиника, ендокринологија, радиологија, Здравствен дом  сеуште има и медицински и организациски директор.

– Измени на законот за здравствена заштита за укинување на економските директори по скратена постапка побара Таравари уште пред 10 месеци, но и 5 месеци по доаѓањето на Филипче оваа точка не се најде на ниту една владина седница.

Неофицијално дел од коалиционите партнери во Власта биле против разрешувањето на вторите директори.

Од МЗ официјално одговорија дека работат на законските измени:

-Министерството за Здравство во Законот за здравствена заштита ги разгледува можностите за измена и проценка за укинување на позицијата економски директор во здравствените установи. Измените и дополнувањата  на ЗЗЗ се во постапка, јавноста ќе биде навремено информирана за решенијата.

Инаку економските директори беа воведени пред 12 години. Тогаш втор менаџер добија сите клиники, институти и болници со над 1000 вработени.