Во периодот од 10 до 16 јануари годинава во земјава се регистрирани вкупно 11.123 нови позитивни случаи на Ковид-19, што е зголемување од 33,9% во однос на претходната седмица. Тестирани се вкупно 45.401 материјали, за 14,7% помалку од претходните седум дена, а процентот на позитивност се движел од 21,4% до 30,2%, просечно 24,4%, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (5.630; 50,6%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево (1.152,4/100.000) и во Битола (1.035,5/100.000) Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група од 30 до 39 години, а најмал број има кај децата до девет години.

Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи, особено кај лицата над 60 години со раст од 99,6% и оние од 50 до 59 со зголемување од 90,3% во однос на претходната недела. Минимално намалување на бројот на заболени има кај возрасните групи од 20-29 години (-4,3%) и од 10-19 години (-2,5%). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 6.029 (54,2%) лица од женски и 5.094 (45,8%) од машки пол.

Со статус „оздравени“ се стекнале 5.403 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.247 реинфекции, со зголемување од 31,8% во однос на претходната недела. Од почетокот на епидемијата, регистрирани се 3.380 реинфекции, што е 1,4% од вкупниот број на инфицирани. Пријавени се 55 смртни случаи во 15 градови, за 34,1% повеќе од минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (22) и од возрасната група над 60 години.