Во првиот квартал од годинава БДП минимално се одалечи од нулата, и достигна 0,1%. Градежништвото пропадна уште подлабоко, од минус 13,7% во последниот квартал од 2017, сега овој сектор потона на 37,2% под нулата. Во пад и понатаму се бруто инвестициите, 9% под нулата а забавува и потрошувачката на домаќинствата.

Економстите велат дека ваквите податоци се рефлексија на случувањата од лани, кога економијата во целост беше ставена во заден план. Очекуваат надолни корекции на стапката на раст за 2018.

  • Запирањето или забавувањето на важни инфраструктурни проекти и забавеноста во реализацијата на СДИ се двигатели на отсуство на раст. Ова се ризиците кои ќе повлечат надолна ревизија на стапката на раст за цела 2018. Владин фокус врз економијата и повторно заживување на растот сега е попотребен од било кога. Дополнително ваквата слика покажува дека фокусот мора да биде врз тоа како да креираме нова вредност во економијата, за влез на свежи пари во неа, вели анализата на „Finance think“.

И стопанствениците бараат владата да биде поактивна во реализацијата на инфраструктурните проекти затоа што бизнисот велат трпи голема штета од лошата инвестициона политика. Ако сакаме раст од 3-5% владата мора 100% да го реализира ветеното, велат стопанските комори.

  • Има сaмо еден пат кој е во очајна состојба нема пруга, има гас кој не го користиме, патот е изграден пред 50 години, таква е состојбата со македонските коридори и додатните трошоци и условите влијаат на конкурентноста на нашите производи.Почнуваме интензивно лобирање за владата д аси ги реализира зацртаните проекти, вели претседателот на Стопанската комора Бранко Азевски.
  • Она што ние во стопанството го чувствуваме е една летаргична состојба по основ на инвестициите. Не се работи само за тоа дека компаниите не инвестираат, туку дека и оние малку средства што ги имаат не се подготвени да ги вложат во состојба на ризик, особено кога се работи за добра идеја која бара повеќе средства, вели претседателката на Сојузот на стопански комори Даниела Арсовска.

И покрај ваквите статистички податоци владата сепак е оптимист дека до крајот на годинава БДП ќе има раст во рамки на предвиденото. Статистиката измери дека најголем раст во првите 4 месеци има во уместноста, трговијата, транспортот и услужните дејности, потоа во земјоделието и рударството.

Минатата година економијата ја почна без раст, потоа БДП отиде 1,3% под нулата, во третиот квартал беше 0,2% а годината заврши со 1,2%.