Роверот Кјуриосити на НАСА откри органски материјал во древни езерски корита и потврди дека постои сезонски циклус на метан – што е досега најсилниот доказ за потенцијален живот, во минатото, па дури и во сегашноста, на Црвената планета.

Ова вчера го соопштија истражувачите од НАСА во нетрпеливо очекуваната најава, а деталите се објавени во списанието Саенс.

Откритијата се базираат на слична најава на НАСА во 2014 година, каде што научниците потврдија дека прв пат откриле хлорирани молекули на планетата. Сепак, последниве докази се многу попривлечни.

Роверот Кјуриосити открил органска материја зачувана во три милијарди години стари седиментни карпи во кратерот Гале. Материјалот се наоѓал во првите слоеви на карпата, на оддалеченост од околу 6 километри од местото каде што беа пронајдени хлорираните молекули.

  • Целиот живот ваков каков што го знаеме е базиран на органски молекули, рече Јен Ејгенброде, научник-истражувач на Годард, при соопштувањето на откритието за медиумите, што укажува дека, иако овие докази не докажуваат дека дефинитивно има живот на Марс, постојат знаци за да се истражува понатаму.

Меѓутоа, остануваат прашањата за тоа како е формиран органскиот материјал. „Иако не го знаеме изворот на материјалот, неверојатно цврстите резултати ме тераат да мислам дека имаме сигнал за полн погодок со органските материи на Марс“, рече Ејгенброде. „Тоа не ни кажува дека таму имало живот, но ни кажува дека сè што навистина им треба на организмите за да живеат во таква околина, сето тоа го имало таму“.

Друг тим научници, предводени од Кристофер Вебстер од Калифорнискиот институт за технологија, презентираше докази дека концентрациите на метан откриени на Марс следат силни сезонски варијации. Сезонската варијација е важен знак за одредување на потеклото на метанот на Марс.

Вебстер објасни дека ова е возбудливо откритие бидејќи 99 проценти од метанот произведен на Земјата имал биолошко потекло, давајќи ги како пример оризовите полиња и термитите. Тој, исто така, истакна дека бидејќи метанот трае само 300 години во атмосферата, секое негово забележување значи дека е создаден или испуштен релативно скоро.

Севкупно, најновите откритија се добар знак за идните потфати. „Тукушто се зголемија шансите да се најдат знаци на древен живот во идните мисии, ако некогаш имало живот“, рече научникот на проектот Кјуриосити, Ашвин Васавада.