Според неофицијалните податоци со кои располага Унијата на медицински сестри, техничари и акушерки “За нас“ околу три илјади медицински сестри учат германски јазик и се подготвуваат наскоро да ја напуштат земјава. Тие велат дека причината за заминувањето на во толкав број обучен медицински кадар се лошите услови за работа и ниските плати. Од Унијата велат дека не само во Германија, медицински сестри масовно се иселуваат и во САД. Денеска уште еднаш предупредија дека е неопходно здравствените власти конечно да почнат да го ценат трудот на медицинските сестри и редно е да добијат реален паричен надоместок за дежурствата. Ова го посочиле и на гранковиот синдикат за здравство на средбата која се одржала минатата недела. Според информациите од Унијата која ја сочинуваат пет здруженија во Македонија има околу седум илјади медицински сестри, од нив ако си заминат три илјади земјава ќе остане без средно медицински кадар.
Од друга страна министерот за здравство Венко Филипче наместо да биде загрижен за алармантната состојба и да најде решение за овој сериозен проблем најави ригорозни мерки. Тој вчера изјави дека разговарал со германскиот министер за здравство, за можноста за испраќање на медицински сестри на неколкумесечна сезонска работа, под услов да се вратат повторно. Ова би значело дека бара од неговиот германски колега да се забрани на медицинските сестри од земјава да останат на трајна работа во Германија каде исто така имааат потреба од ваков медицински кадар.