Поголем број на граѓани со поплаки дека лековите кои им се хронична терапија се видно поскапени, а истовремено квотата за нив истекува многу рано во месецот, па со рецепт кој има важност од втората половина на месецот истите не можат да ги земат и остануваат без терапија.

Дел од нашите читатели се пожалија и на повисоките цени со кои се соочиле деновиве, за капки и лекови кои ги користат со години. Велат дека цената на дел од нив е поскапена за 100-200% со рецепт.

Проблемот станал поголем минатиот месец, кога уште првите денови од март, лекови на рецепт снемало. Цената на лековите, капки и други работи кои ги купуваат поради својата дијагноза, велат дека драстично поскапела токму тогаш кога морале да ги платат по полна сума иако имаат рецепти.

-Пред Велигден ја земав пензијата и заминав да ги купам потребните лекови. Имав рецепти со важност и истите ги купувам седма година по ред. Секој месец купувам за себе и за сопругата иста терапија, пиеме по неколку видови на лекови. Овој месец, сметката за лекови ми беше поскапа за 700 денари од што плаќав до пред извесно време. Тоа за мене се многу пари. Јас цел живот сум работел за да заслужам пензија на стари години, а сега некој мисли дека пола пензија треба да ја оставам во аптека.

-Ја земам пензијата од мојот починат сопруг која што не ми е доволна за ништо. И замислете, двата лека кои ги купувам ми се поскапени. Во вторникот, после празниците, јас не носев во себе доволно пари да си ги платам лековите. Со години плаќам една иста цена и ми викаат сега дека треба да платам 220 денари повеќе, вели пензионерка од скопски Бутел.

-Моите лекови со рецепт ги плаќав 70 денари, а сега ми се околу 190. Тоа е огромно покачување за кое не слушнавме на вести, ни напиша момче од Аеродром.

Ова се само дел од поплаките на скопјани. Проблемите со кои се соочуваат останатите се горе-долу исти со овие кои ги пренесовме.

Лек за Алцхајмерова болест чини 550 денари, што е за 200 денари повеќе од тоа колку што чинеше до неодамна.

За 130 денари е зголемена цената на лек за простата, од 50 на 180 денари.

Еден вид на антиепилептици има покачена цена за 100%….

Фармацевти: Ги зголемија цените на лековите за 200%

По снемување на квотата, огромен број на лекови добија повисоки цени за до 200%.

Цената за некои лекови рипна за 200%. Луѓето се чудеа и се нервираат, оправдано. Нас ни велат дека ќе си одат дома без лекот, затоа што покачувањето не го очекувале и не можат да си го дозволат. Јас не можам да ги лажам кога ќе дојдат и ќе ме прашаат дали се поскапени или не, кога ја гледаат цената, раскажува фармацевтот кој го контактиравме.

Најавија намалување на цената, а се случи драстично поскапување

Министерот за здравство во Владата на Зоран Заев, Венко Филипче, неодамна најави дека лекови ќе поевтинат, некои од нив за 40 %. На граѓаните тој и премиерот мора сега да им објаснат како од ветено намалување од 40% стигнаа до зголемување од 200% на цената.

Лажното ветување гласеше: Околу 50 проценти од лековите на рецепт од први април ќе бидат со намалена цена. Пациентите ќе заштедат 28 денари на лек за алергија како и 110 денари за терапија за висок крвен пристисок. Министерот за здравство пред почетокот на април најави дека ќе има  поевтинување во сите категории на лекови, од третман на кардиоваскуларни болести до цитостатици и антибиотици.

– Со оваа најголема заштеда во лековите досега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови. Истовремено, со намалување на болничката цена на лекови ќе се овозможи зголемување на квалитетот на здравствена заштита, изјави тогаш Филипче, министер за здравство.

Додека осигурениците страдаат, ФЗОМ молчи

Од ФЗОМ побаравме едноставни одговори на прашањата кои ги поставуваат нивните осигуреници.

Прашањата кои ги поставивме, ви ги пренесуваме во продолжение:

На колку лекови изминатиов период цената им е драстично зголемена и поради која причина се случува ова?

Дали ќе превземете нешто за достапноста на лековите да се зголеми, односно квотите за на рецепт да бидат отворени подолго време?

Кое решение го нудите за граѓаните кои лековите мораат да ги плаќаат приватно иако за истите имаат рецепт, а финансиски не можат да си го дозволат тоа?

Одговори не добивме и сеуште македонските граѓани ќе чекаат да некој излезе и им објасни како и на кој начин поскапувањето беше дел од предизборните ветувања на оваа влада, како и што до тогаш, што со поскапувањето, како ќе преживеат македонските граѓани на кои поскапените лекови им се единствената терапија да се одржат во живот? Одговорот се очекува од министерот за здравство, Венко Филипче и од директорот на ФЗОМ Ден Дончев.