Поплавени улици, откорнати дрвја, оштетени автомобили. Ваква беше сликата попладнево во Скопје, откако невремето си го направи своето. Силниот ветер и дождот – повеќето од улиците ги претворија во реки, а веќе може почнуваат да се бројат и првите штети.

Невремето кое попладнево ја зафати цела Македонија направи материјални штети и во главниот град. Овој пат големо дрво се откорна во Карпош 3 и буквално смачка автомобилот кој беше во близина, но за среќа без жртви.

Уништениот автомобил е на жител од Велес. Револтиран најпрво не сакаше јавно да зборува.

Но сепак велешанецот кратко ни кажа дека влегол во маркетот да испазари, и за неколку минути не можел да си го препознае автомобилот. Се надева на помош од Градот, но вели, сепак мора да се почека.

Граѓаните вознемирени. Велат периодов ваквите глетки им биле секојдневие. Се жалат дека стравуваат по својата безбедност.

Хидрометеролозите велат дека невреме ќе има и наредниве денови, но не со ваков интензитет како денешниот. Велат стабилизирање се очекува веќе од вторник, кога граѓаните ќе може да здивнат и да се опуштат во летните денови.

А не само во Скопје, невремето предизвика сериозни проблеми и во другите градови од земјава. Само во Прилеп, според надлежните, до сега биле поплавени пет куќи, а гром удрил во бандера. Ништо подобра не била ситуацијата ниту во Куманово, Штип, Велес.

Од јавните комунални претпријатија ги повикаа граѓаните ако има штета да пријават, за час поскоро да интервенираат. Нивни екипи попладнево излегле на терен за да спречат поголеми поплави и оштетувања.