За министерот за здравство Венко Филипче тестирањето не е клучно за добивање работа. Одговорот следи откако млада лекарка од Куманово реагираше дека на огласот за вработување во Центарот за јавно здравје Куманово била прва на листата, а го вработиле последно рангираниот кој имал речиси три пати помалку бодови. Таа не е ниту меѓу другите двајца лекари кои добиле работа. Од ресорното министерство чии претставници биле присутни на тестирањето се повикуваат на член од законот за работни односи според кој работодавачот има право слободно да одлучи со кого ќе склучи договор ако кандидатот ги исполнува условите.

-Тестирањето е дел од процесот на аплицирање за работа, но не е единствен критериум за добивање на истата, се вели во одговорот од министерството за здравство.

За кандидатката која не доби работа и сакаше да остане анонимна е нејасно зошто тогаш полагале испити ако тоа не е важно и каква порака со вакви огласи за вработување им се испраќа на младите лекари кои се помасовно ја напуштаат земјата.

– Незнам како тоа го направиле и по кои критериуми. Полагавме испит каде не надгледуваа и контролираа од Министерството за здравство. И потоа, наместо јас вработен е тој што е последен, тоа беше шок за мене. Зошто тогаш ние медицинарите водиме мртва трка за бодови кога на крајот тоа не е важно. Незнам каква порака им се испраќа на лекарите со тоа, кога сите мои колеги што ги знам се отселија од земјата, вели револтирана лекарка од Куманово.