Многу родители не можат да се воздржат од објавување на секој детал од животот на своите деца, без оглед дали станува збор за бањање во базен или за денот кога првпат научиле да седнуваат на нокшир.

Проблемот е во тоа што тие, навидум невини фотографии, некој може да ги злоупотреби ако ги најде, а тоа во денешно време не е воопшто тешко – доволно е само во пребарувачот на Инстаграм да се напишат клучните хаштагови.

Педофилите најчесто ги пребаруваат изнаките како #BathTime, #NakedKids и #ToiletTraining, открива претседателот на Агенцијата за детски права Дејвид Анџело.
1500 пред да наполнат 5 години

„Додека родителите наивно поставуваат интимни фотографии од своите деца на социјалните мрежи, немаат поим колку лесно некој може да ги преземе, а потоа да манипулира со нив, да ги злоупотреби или да ги објави на некоја друга страница“, вели.

Според податоците на Агенцијата, повеќето родители објавуваат околу 1500 слики од своите деца пред тие да наполнат пет години. Загрижен за безбедноста на тие деца, Анџело со својата коалиција ја основал компанијата Kids For Privacy, која ги поттикнува родителите да објават фотографија од своето дете кое пред лицето држи табла на која пишува „privacy, please” (Приватност, молам).
50 отсто од фотографиите на педофилските страници се украдени од родителите

„Крајниот резултат ќе бидат деца кои кога ќе пораснат, ќе дознаат дека повеќето податоци за нивните приватни животи веќе одамна се достапни на интернет, а тоа би можело да биде опасно”, вели Анџело за Daily Mail.

Друга работа на која треба да се внимава е алатката за одредување на локацијата, која покажува каде е детето во било кој момент.

„Се претпоставува дека 50 отсто од фотографиите на педофилските страници се преземени од профилите на родителите на социјалните мрежи”, вели австралиската експертка за воспитување на деца Кристи Гудвин.