Семејството на трите деца кои вчера настрадаа во пожар во Велес било евидентирано во системот на Центарот за социјална работа во Велес и биле корисници на социјална парична помош, информира денеска Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

– Денес, општина Велес во соработка со Центарот за социјална работа се ангажираат за организирање на погребот за настраданите деца. Во тек е истрагата на Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи. За сите понатамошни детали од истрагата, како и за постапувањата на Центарот за социјална работа, согласно потребите и надлежностите, јавноста ќе биде благовремено информирана, соопшти МТСП.

Јавното обвинителство на Република Македонија информира дека родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница, а за тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата во која животот го загубија три деца на возраст од четири, две и една година. Увид на лице место извршил надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Велес кој издаде наредби за обдукција на телата на починатите деца и вршење на идентификација. Ќе се врши проверка на трагите земени од лице место за да се утврдат причините за настанување на пожарот.