На вонредна седница на Советот на Општина Велес, одржана вчера после попладне беа донесени две одлуки, поврзани со трагедијата која го снајде семејството Давчевски, откако три деца им изгореа во пожар, кој го зафати семејниот дом.

Советниците одлучија денеска, 22 јуни да биде Ден на жалост во Општина Велес. При тоа се откажуваат сите културни и спортски манифестации и угостителските објекти на територијата на Општината се обврзани да емитуваат сериозна музика. Советот одлучи на семејството Давчевски да му исплати еднократна парична помош во висна од 100 илјади денари како и да се платат гробни места за трите деца во висна од 13,5 илјади денари а заедно со Центарот за социјални грижи да се организира нивниот погреб.

Градоначалникот Аце Коцевски информираше дека синот на Марина Антониевска, Стефан кој живеел во заедница со Давчевски, ќе се вработи во ЈКП Дервен.

Од Центарот за социјални грижи од Велес информираа дека семејството Давчевски претходната ноќ ја минале во Противпожарната единица и дека се упатени да пронајдат стан, каде ќе живеат а киријата ќе ја плаќа оваа институција.