Синот кој бил на патување во Албанија, најверојатно имал морбили и подоцна ги заразил и родителите. Брачен пар од Дебар се новите случаи на мали сипаници регистрирани овој месец. Епидемиолозите не можат со сигурност да потврдат дека болеста е увезена бидејќи синот никогаш не бил на лекар за потврдување на заразата. Но откако заболеле мажот и и жената, од гостиварскиот центар за јавно здравје потврдуваат дека ги следат сите сомнителни случаи кои биле во контакт со нив.

-Ситуацијата засега е под контрола, изолирани се, кажано им е дека ако имаат било какви промени во здравствената состојба веднаш да се јават на лекар. Проверка е направена и во Охрид бидејќи мажот и и жената неколку дена биле таму во болница, вели др. Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ

Кузмановска алармира дека во периодот на летни одмори, невакцинираните и оние кои примиле само една доза на МРП, мора да бидат многу внимателни при патување во Бугарија, Грција, Албанија и Косово каде има епидемии на морбили со голем број на заболени но и смртни случаи.

-Во регионот сите земји  се зафатени, Европа гори, нема земја која не е зафатена, само во пет земји опфатот со имунизација е над 95 проценти што гарантира колективен имунитет и не може да дојде до брзо ширење на заразата.. Значи мора многу да се внимава, вели Кузмановска.

Покрај брачниот бар од Дебар, минатиот месец 38 годишен скопјанец бил хоспитализиран на Инфективна клиника со морбили, и според епидемиолошките податоци, најверојатно заразата ја добил во Косово. Не бил вакциниран про тив мали сипаници.