Небото над Кичево и околните населени места пред неколку дена беше прекриено со густ црн чад и неподнослива миризба која доаѓаше од Термолектраната Осломеј. Кичевчани велат дека не само што стравуваат за своето здравје и иднината на градот, туку дека и државата многу малку води сметка за решавање на овој сериозен проблем. Кичевчани Осломеј го споредуваат со тетовски Југохром.

  • Многу сме загрозени до толку што немаат срам и образ, што немаат поставено филтри на оџаците на Осломеј. Цел овој народ е против сите тие кои се на власт и не се заинтересирани за поставувањето на филтри. Луѓето умираат имаат секакви болести. Јас страдам од притисок, бронхитис и други болести и сакам да кажам дека нема интерес и оти ова никогаш не може да биде држава.
  • Видно е дека се појавуваат проблеми особено по периферијата на планините и се спушта, потоа. Мислам дека треба да се стават филтри за заштита што се, па потоа да се работи. Сè што се работи без тоа е џабе, се жалат граѓаните.

Министерот за екологија Садула Дураку тврди дека преземале мерки, но според граѓаните се било бадијала.

  • За случајот Осломеј информирани сме како министерство и го ангажиравме инспекторатот. По нивното излегување на лице место, утврдиле проблематична ситуација околу опремата која сега е во фаза на подобрување, изјави Садула Дураку – министер за животна средина.

Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари вели дека е потребен поголем ангажман од надлежните во електраната.

  • Градоначалникот не е раководител на ЕЛЕМ и нема законска надлежност врз овие институции. Реагирав на време и го повикав директорот на ЕЛЕМ да дојде и на лице место да ја види ситуацијата, вели Фатмир Дехари, градоначалник на Кичево.

Од ЕЛЕМ наведоа дека станувало збор за дефект и оти веќе извесно време се подготвувал проект за модернизација на термоелектраната. Тоа значи прилагодување на друг тип на гориво, покрај јагленот кој се вади во Осломеј, а кој е речиси пред исцрпување. Инаку Кичево е на листата водечки градови во Македонија по загаденост.