Градежништвото тоне од ден во ден, а секторот продолжува со трендот на опаѓање. Стопанствениците се правдаат дека тоа се должи на временските услови. По согледувањето на резултатите од работењето на градежните компании констатирале дека за разлика од претходните години, лани градежништвото опаднало за 13,7% главно поради запирањето на крупните инфраструктурни проекти финансирани од државата, но и забавувањето на инвестициската активност на приватниот сектор.

Според Андреа Серафимовски, падот во нискоградбата во првиот квартал од годинава во однос на истиот период лани од 68,4%, главно се должи на запирањето на капиталните проекти, пред се на застојот на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, експресниот пат Градско-Прилеп и гасоводната мрежа кај Неготино.

  • Апелираме до сите потенцијални купувачи да обрнат посебно внимание при купување стан во наредниот период. Досега побарувачката беше многу голема и се продаваа становите врз база на локацијата, укажа Серафимовски, истакнувајќи дека во следниот период само купувачите ќе ја диктираат цената на станот.

Според Серафимовски, квалитетен стан стан секаде ќе биде скап. Ако станот на пример во Карпош е квалитетен, тој ќе си има цена. Поентата е зградите кои се помалку квалитетени а сакаат да ја одржат цената по која се прдоава во општината дека нема да го издржат тој тренд, укажа Серафимовски.

Од Здружението апелираа до надлежните побргу да ги надминат причините околу застојот, за да се спречат натамошни загуби во градежниот сектор.

Паралелно, во услови кога стагнира продажбата на станови, но расте понудата, надлежните велат дека во иднина само квалитетот ќе ја определува цената за метар квадратен, иако периодов тоа било занемарено.
Велат дека становите во строгиот Центар на Скопје нема никогаш да поевтинат, но во останатите општини е можно минимално намалување.

Според одобренијата за градење, во првите четири месеци од годинава е предвидена изградба на 2.150 станови, што е намалување од речиси 30% во однос на истиот период лани, кога биле предвидени 3.056.

Податоците на Државната статистика покажуваат дека лани биле изградени 5.622 стана, за 9,20% помалку во однос на 2016 кога биле изградени 6.192 станови. Најмногу се градело во скопскиот регион. Највисоки се цените во Центар каде изнесуваат над 1.300 евра за квадрат, а во Кисела Вода, Аеродром и Карпош од 950 до 1.050 евра.