Освен лекарите и медицинските сестри и фармацевтите масовно ја напуштаат државата за да работат во странство. Според информации на zdravstvo.mk речиси секој ден во Фармацевтската комора на Македонија имаат барање за издавање потврда за лиценца со која ќе можат да работат надвор од земјава. Покрај во Западноевропските земји се поголем број на дипломирани фармацевти во последниот период заминуваат да работат во Австралија. Фармацевти коментираат дека финансиите се главната причина поради која младиот дипломиран фармацевтски кадар си заминува од државата зошто тука месечната плата и е околу 15.000 денари.

Според извори на zdravstvo.mk одливот на ваков кадар сериозно влијае за опстојувањето на голем број аптеки имајќи во предвид фактот дека според сегашниот закон за лекови  аптеките, веледрогериите и специјализираните продавници за лекови мора да имаат по најмалку еден дипломиран фармацевт со положен стручен испит и техничар со средно образование. Од друга страна дополнителенн проблем се и новите законски измени според кои од 2020 година секоја аптека мора да има вработено најмалку двајца дипломирани фармацевти. Измените на законот за лекови кои пред една недела излегоа во службен весник предвидуваат правното лице кое врши промет на мало со лекови е должно да обезбеди најмалку по едно лице со завршен факултет по фармација кое ќе биде постојано присутно во смена во аптеката. Овие измени требаше да важат од 2018, но поради недостиг на кадар одложени се за година и половина.

Инаку во Македонија има околу 900 аптеки и за исполнување на законската обврска од 2020 потребни се уште толку дипломирани фармацевти што според сегашната состојба поради одливот на фармацевтски кадар во странство тешко дека законот ќе се почитува во пракса бидејќи и на домашниот пазар речиси и да нема невработен фармацевт со лиценца.

Останува отворено прашањето дали здравствените власти на чело со Филипче ќе превземат нешто за да ги задржат фармацевтите во земјава или во блиска иднина ќе нема кој да им дава лекови на пациентите?