Забраната за продажба на алкохол по 19 часот не го решава проблемот со алкохолизмот, велат медицинарите по укинувањето на ограничувањето на продажбата на алкохол. Упатените сметаат дека општеството преку институциите треба да укажува на последиците од злоупотреба на алкохолот.

Укинувањето на ограничувањето на продажбата на алкохол ги израдува трговците кои во изминатите десетина години, откако беше воведена забраната се соочија со намалена продажба и реакции од купувачите дека одлуката е ретроградна во однос на развиените земји.

И лекарите веат дека забраната не го решаваше проблемот со злоупотреба на алкохолот, наведувајќи дека тие што пијат пред 19 часот си купуваа алкохол и си правеа домашни резерви. Тие нагласуваат дека ако општеството сака да се бори со алкохолизмот има други начини и оти тоа е прашање на воспитно образовниот процес и на други институции. Еден ден откако Собранието ги усвои измените на Законот за трговија, кои ќе стапат на сила осум дена по објавување во Службениот весник, луѓето вработени во трговските објекти велат дека тоа за нив е добра вест.

  • Тоа е добра вест, бидејќи ќе се зголеми продажбата, зашто се бараше алкохол и по дозволено време за продавање, а најчудно им беше на странците, кога ќе им кажевме дека е забранета продажба по 19 часот, се чудеа, коментира вработена во продавница во Скопје.

Со најновите законски измени што пратениците ги усвоија на собраниска седница, укината е забраната за продажба на алкохол во трговијата по 19, односно 21 часот, воведена во 2008 година. Со неа се дозволува и продажба на алкохолни пијалаци во киосците, но останува забраната за продажба во продавниците во состав на бензинските станици.

И медицинските лица велат дека досегашната одлука за ограничување на продажбата на алкохолот не придонесе за намалување на злоупотребата и оти заблуда е оти законот за трговија може да го реши тој проблем.

  • Вистинските зависници од алкохол и натаму се тоа. Тој процент од 1-3 насто е згрижен и тие добиваат таблети од кои не може да пијат. Станува збор за тие што пијат повремено. Нема да се зголеми. Без оглед на забраната, процентот е ист, тука нема разлика. Во поглед на алкохолизмот нема голем придонес забраната. Кај нас нема. Тие што си пијат си носат и во џеб по малку. Имаат во џеб мало шишенце во секое време ќе си пивнуваат по малку, вели доктор Јордан Јовев, невропсихијатар и поранешен директор на психијатриската болница Бардовци.

Граѓаните се со поделени ставови. Едни сметаат дека измените носат повисока толеранција за продажба на алкохол и оти најзасегнатите се младите, а други сметаат дека претходната забрана поттикнувала илегална продажба.

Луѓето си купуваа и претходно алкохол колку сакаа или пред време пред 19 часот ќе си купат и ќе си пијат потоа. Сега исто ќе биде. Не дека ќе се поттикне алкохолизмот, кој си пие ќе си најде.“

  • Беше добра забраната, зашто по 10 часот деца да купуваат. За нив беше забраната, а сега кој ќе им забрани? Претходната забрана не придонесе, но нешто од нешто се придонесе.
  • Купуваа до 19 часот, правеа залихи, а сега нема да прават залихи, ќе купуваат, велат дел од граѓаните на Скопје.

Упатените велат дека ако општеството сака да се бори со злоупотребата на алкохолот и последиците кои и натаму се присутни, особено во сообраќајот, во тоа треба да се вклучат и училиштата и семејствата и полицијата со своја воспитна функција. Тие посочуваат дека во европските земји најчесто има специјализирани продавници каде што продавачите се обучувани да не продаваат алкохол на деца. Исто така наведуваат дека во европските земји има високи даноци за алкохолни пијалаци и тоа претставува брана против тоа да се купува алкохол.

Инаку, со најновите законски измени останува и забраната за продажба на алкохол на лица помлади од 18 години. За да можат да продаваат алкохолни пијалаци, трговските објекти и понатаму треба да поседуваат соодветни лиценци. Овие измени во Законот за трговија ги бараше Стопанската комора на Македонија.