На скопските клиники одлучено советот да не ја прифати понудата на Министерството за здравство за минимално зголемување на ноќниот труд на медицинските сестри, транспортери и болничари. Советот како највисоко тело на Синдикатот бил свикан итно, доцна попладне, по преговорите кои биле водени со заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски и Миле Сугаревски, советник на директорот на ФЗОМ.

Средно медицинскиот персонал, остро се спротиставил на одлуката ноќниот труд, односно работата преку ноќ да се зголеми за само 80 денари, колку што било понудено и не дозволиле Синдикатот да го потпише Анекс договорот за ноќните дежурства.

„ Без одлука на Совет не можев да потпишам ништо. На нас ни беше кажано дека нема пари за поголемо зголемување. Со оваа понуда, ако една медицинска сестра добивала 150 денари за ноќен труд, сега ќе добива 230 денари. Медицинските сестри, болничари и транспортери се изјаснија дека тоа е понижувачки за нив и побараа итно да биде свикан Советот. Одлучено е да не се прифати предлогот и не го потпишавме Анекс договорот за ноќните дежурства“, изјави Горан Беговиќ претседател на Синдикатот на Клиничкиот центар.

Според него тие побарале коефицинтот за ноќен труд од 0,29 колку што е сега, да се зголеми на 0,75, но добиле одговор дека бодот може да се зголеми само на 0, 40. Образложението било дека средствата се ограничени и нема толку пари.

На скопските клиники врие од незадоволство на средно медицинскиот персонал, велат во Синдикатот и потенцираат дека треба да се најде решение за оваа тензична ситуација.

Пред три дена министерот Филипче во Собранието при интерпелацијата, најави дека лекарите и  медицинските сестри ќе го добијат ветеното зголемување за ноќните дежурства. Но, за жал и ова ветување падна во вода поради што медицинскиот персонал на клиниките не ја исклучува можноста од штрајк.

Филипче пред нова година најави дека дежурство за лекарите на интерните клиники кое изнесува од 900 до 1.340 денари во работен ден, од март или април ќе биде платено 2.500 до 3.000 денари. Викенд дежурството кое изнесува 2 800 или 2 900 денари ќе се зголеми на 4.000 денари. Оваа најава за зголемување дојде по реакциите и барањата на лекарите да се зголемат дежурствата приближно како на хирурзите кои земаат од 8000 до 12 000 денари за викенд дежурства.

Со најавеното зголемување не се задоволни лекарите од клиниките кои не се во состав на Хирургија, а имаат хируршка дејност. Тоа се Клиниката за уво, нос и грло, Клиника за очни болести, Гинекологија, Кардиохирургија и Клиника за максилофацијална хирургија.

Дополнително, од Синдикатот велат дека не го прифаќаат и најавеното зголемување на платите од 5 проценти кое треба да го земат со септемвриската плата. Од таму велат дека зголемувањето со ова темпо ќе оди многу бавно и предлагаат зголемување од 15 проценти на платите за 2018 година.