Околу 11 % од младите користат опојни дроги, покажале истражувањата на студентите од Правниот факултет на штипскиот Универзитет, спроведено на репрезентативен примерок кај 405 средношколци и студенти во Источниот регион, објави Сител.

Повеќето од корисниците на опојни дроги се машки, а во однос на семејната финансиска состојба, најголем процент од консуматорите на наркотички средства се од понизок социјален статус.

-Најчесто злоупотребувана дрога е марихуаната, но исто така имаме злоупотреба на лековите за смирување, изјави Анѓела Димеска, студент на Правен факултет – УГД.

Студентите имаат поголем пристап до опојните дроги, во споредба со средношколците. Истражувањето покажало дека во однос на 2015 година, бројот на корисници значително се зголемил.

-Исто така, повеќекратно и по многубројно се злоупотребуваат потешките дроги, како што се кокаин и хероин, изјави Сања Стојчевска, студент на правни студии – УГД.

-Од некаде околу 2 % пред 3 години, сега нараснуваат дури на 12 % од оние што веќе злоупотребуваат опојни дроги и ова е навистина загрижувачко- изјави Страшко Стојановски, професор на Правен Факултет.ФАКУЛТЕТ

Скоро со исти податоци располага и Младинскиот клуб од Штип, кој работи на програми за ресоцијализација на зависници од опијати.

-Има зголемување на бројот на корисници на кокаинот, амфетаминот и екстази, како „клубски дроги“ и кои што се моментално „ин“-изјави Денис Ампев, Младински клуб – Штип.

Иако состојбата е алармантна, посебно кај помладата популација, Ампев смета дека Македонија, во споредба со земјите во регионот, доста вложува во борбата со зависности од опојни дроги, за што се планира и отворање на Центри за ресоцијализација и на малолетни лица.