Речиси секој втор млад човек на возраст до 29 години во Македонија е невработен, а образовниот систем премалку помага во подготовка на кадрите кои им требаат на компаниите. Премногу теорија, речиси воопшто практична работа. Младите за да стигнат до работно место, се принудени дополнително да плаќаат за разни курсеви во времетраење од неколку месеци до неколку години.

Бизнисмените се жалат дека една од главните причини зошто не можат да инвестираат во раст на производството е тоа што нема кој да работи. Недостатокот на кадар мора да ги натера надлежните на драстични промени во образовниот систем согласно потребите на пазарот, велат стопанствениците.

Во услови на лоши образовни програми и скоро никаква пракса, фирмите преку помош од странство се обидуваат да ги обучат младите за подоцна да ги вработат.

Преку проектот на швајцарската амбасада „Образование за вработување“ младите со средно образование ќе се доедуцираат за да стекнат вештини според потребите на стопанството. Планот е за 4 години да се вработат 2.250 млади во областа на машинската индустрија, туризмот, угостителството, аграрот.

Македонија е меѓу земјите со највисока вкупна невработеност од 21.6%. Во земјава 44% од младите на возраст до 24 години немаат работа, а секој петти човек на возраст од 25 до 50 години седи дома. Во државава со 207 илјади невработени, и оние што имаат работа заработуваат во просек помалку од земјите во регионот. Просечната плата достигнува неполни 24 илјади денари.