11 годишно момче од Домот 25мај имало расипани заби и болки, но наместо на стоматолог во установата му давале да пие апчиња. Ваков статус на социјалните мрежи објави револтирана скопјанка, кој предизвика лавина од реакции и критики до надлежните институции. Го сретнала во Бутел каде го поканила во слаткарница да го почести. Но детето не можело да јаде поради лошата состојба на забите.  -Го прашав зошто не каже на воспитувачите, ми одговори дека не ги носеле на доктор туку им давале апчиња, пишува во статусот на фејсбук.  Случајот го пријавила во Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството за труд и социјална политика коментираат дека посочено дете немало проблем со забите а сите штитеници имале уредни вакцинални картони. И покрај тоа, во случајот се активирал и Здравствен дом Скопје кој испратил екипа за проценка на денталното здравје на сите дечиња во Домот.

Со какви се ситуации се соочуваат овие деца и дали некој води грижа за нив.? Татјана Гоговска, која како активист за заштита на правата на децата неколку години соработувала со Домот 25 мај, во изјава за Сител вели дека таму има  море од проблеми а лекари ретко ги посетувале штитениците.

-Кога јас бев во Домот, 2013, 2014 и 2015 година, не добиваа речиси никаква здравствена заштита, само во ептен итни ситуации кога некое девојче е бремено, па и тоа го правеа под превезот на тајни. Овој случај укажува дека таму има море од проблеми и мора да се реагира, вели Татјана Гоговска

Промената на кадарот и вработувањата на нови воспитувачки во Домот, според експертите се мерки кои ќе ја подобрат состојбата, но порачаа дека уште многу треба да се работи за овие деца да имаат навремена и социјална и здравствена заштита. Надлежните мора да бидат постојано активни и да реагираат во секаква ситуација а не да реагираат само кога некој случај ќе биде обелоденет во јавноста.