Само во последниве две недели осумдесет лекари од Тетово и тетовскиот регион си ги земале потврдите за да работат во странство, објави 24.мк. Државата не ја напуштаат само млади туку и лекари со над 20 годишно искуство како и доктори специјалисти.

„Не можеме да кажеме дека само млади си заминуваат, си заминуваат и искусни специјалисти, луѓе кои долго време допринеле со нивната работа, во здравствениот систем во Македонија“,  изјави за 24.мк д-р Илберт Бесими, потпретседател на Лекарска комора

Просечната возраст на лекарите кои работат  во земјава е помеѓу 55 и 65 години. Во наредните пет години ќе се пензионираат околу 1.200 лекари. Од Лекарската комора велат дека недостигот од лекари веќе се чувствува во сите болници, но тоа ќе биде уште поголем проблем во иднина. Ако продолжи исселувањето на лекарите се поочигледно е дека ќе нема кој да ги лекува македонските пациенти!