Министерот за здравство Венко Филипче за 10-тина дена успеа да отиде во Чешка, Данска и Израел. И додека македонското здравство е преплавено со проблеми: Клиничкиот Центар личи на депонија зошто министерот го поништил тендерот за избор на фирма која треба да ја одржува хигиената во комплексот “Мајка Тереза”, револтот на пациентите од ден на ден се зголемува, а секојдневно лекари си заминуваат да работат во странство, Филипче руши рекорди меѓу министрите по најмногу шетање. Ако за само 10-тина дена успеа да отиде во три држави откако е на функцијата министер половина година има запишано илјадници километри прошетки и така наречени работни состаноци во странски држави меѓу кои Белгија, Бугарија, Австрија, Германија…Во лекарските кругови се коментира дека македонското здравство речиси и да нема никаков бенефит од “прошетките” на Филипче зошто досега речиси ништо не е применето за “реанимирање”на јавното здравство кое тоне во проблеми.

Дополнително за посетите во странство Филипче сам си објавува на својата фан страна на Фејсбук каде се оди, а службите за односи со јавност во министерството со кое раководи не ја информираат јавноста за неговите посети, ниту што прави во земјата каде престојува, со кого разговара и што договара. Ова отвора сомнеж дека министерот по се изгледа повеќе сака да шета, отколку да работи за доброто на пациентите, неговите колеги лекари и останатиот медицински персонал во земјава.