Три дена по страотниот инцидент, нема официјални информации „Кој крвнички го претепа 14-месечното девојче што е донесено на скопските клиники, со крварење во мозокот и тешки скршеници на коските на нозете?“

Освен повредите со кои детето е примено на КАРИЛ, загрижува фактот што лекарите утврдиле и други постари повреди на телото на бебето, што укажува на тоа дека голема е веројатноста некој постојано да се изживувал со бебето. Мајката на девојчето, немала здравствени проблеми, ниту пак ѝ била одземена деловната способност, велат од Центарот за социјална работа.

Ова е само еден од многуте случаи што се јасен показател дека имаме жртви на нефункционалниот систем во кој обесправените и ранливите поединци и групи стануваат поранливи и обесправени, уште посиромашни и социјално и безбедносно несигурни, обвинуваат од „Меѓаши“. Тие бараат одговорност и од ЦСР за несоодветно постапување, следење и помош на семејството.

Државата не е подготвена да помогне на случаи во ризик, ранливи групи, семејства и деца. Центрите за социјална работа не се мобилни, немаат капацитети да им помогнат на семејствата кои стануваат само бројка, статистика од низа случаи на кои им се дава само минимална материјална помош без притоа да им се обезбеди образование, вработување, да се следат како го остваруваат родителското право, како успеваат да се справат со семејното насилство, негрижа, да им се обезбеди психо-социјална поддршка, велат од МЕЃАШИ.

И народниот правобранител покрена постапка.

Мајката на детето, повторно е повикана во полициска станица. Според неофицијални информации на Алфа, таа за грозоморниот чин неколку пати досега дала различни искази. Таткото на девојчето, пак, е зад решетки од април годинава, а издржува затворска казна за сторени кривични дела – кражби.

Состојбата на детето е релативно стабилна, самостојно дише и се храни, потврдуваат од Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Од таму појаснуваат дека сè уште не се знае каков ќе биде невролошкиот развој на детето, но потенцираат дека состојбата внимателно ќе се следи особено во наредните 24 часа, поради претпазливост, а доколку истата остане непроменета, или се подобри, детето ќе биде префрлено на Детската клиника.

Истражните органи го испитуваат случајот, а исходот од истрагата треба да покаже дали службите потфрлиле, како и, дали станува ли збор за насилство или обид за чедоморство.