Заврши распитот на мајката на претепаното 14-месечно девојче. Таа 24 часа беше задржана во полициска станица. Истрагата е сè уште во тек и се прибираат докази, потврдуваат од МВР.

Со неа се разговарало за немилиот настан кога нејзиното дете од засега сè уште непознат сторител е ѕверски претепано и пред четири дена, со крварење во мозокот, повреди на черепот и скршеници на нозете е донесено на скопските клиники.

Според неофицијални информации, таа за грозоморниот чин неколку пати досега дала различни искази. Таткото на девојчето, пак, е зад решетки од април годинава, а издржува затворска казна за сторени кривични дела – кражби.

Како што претходно посочија од Центарот за социјална работа, мајката на девојчето, немала здравствени проблеми, ниту пак ѝ била одземена деловната способност. Од моментот кога полицијата е информирана за случајот, жената била сместена во Шелтер центар, а e придружувана од социјален работник. На детето му е доделен старател.

Состојбата на девојчето е стабилна. Од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување за Алфа информираат дека сè уште не се знае каков ќе биде невролошкиот развој на детето, а лекарите утврдиле и стари повреди по телото на детето. Девојчето е префрлено на Детската клиника.

Истражните органи го испитуваат случајот, а исходот од истрагата треба да покаже кој ѕверски го претепал 14-месечното бебе.