Графенот и јаглеродните нанотуби што се синтетизираат кај нас имаат голем потенцијал со примена на технолошки и фармацевтски научни истражувања да се доведат во состојба на супстанции што ќе бидат во состојба, со посебен третман, да лекуваат рак, вели проф. д-р Александар Димитров од Технолошко-металуршкиот факултет. Тој нагласува дека тие имаат широка примена, а во медицината можат да се покажат како успешни лекувачи на тешки заболувања.


– Лекот може да се нанесе на јаглеродните нанотуби со негово апсорбирање на и во наночестичките. Тој потоа се внесува во крвта и преку неа оди до туморот, на пример во главата, и токму на тоа место ќе почне да се ослободува. Тоа треба да се случи, според литературните податоци, најмалку два часа по инјектирањето – вели професорот Димитров.

Во моментов, многу успешно се работи на овој проект, под раководство на проф. д-р Анита Грозданов од Технолошко-металуршкиот факултет и во соработка со Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет од УКИМ. – Проектот е финансиски поддржан од ИАЕА и Министерството за образование и наука на Република Македонија. Во оваа фаза се истражува, потоа следуваат одредени испитување според пропишани светски фармацевтски процедури и на крајот фаза на одобрување на тој начин на лекување. Сето тоа е процес што трае долго – додава професорот Димитров.


Јаглеродните нанотуби и графенот можат да се произведуваат со неколку постапки. Но најевтино е кога тие се произведуваат по пат на електролиза во растопи, со примена на нестационарни струјни режими. Наоѓаат широка примена на пример во производството на сензори. Со јаглеродни нанотуби и графен, детекцијата и информацијата што се добиваат со овие сензори е значително побрза од конвенционалните сензори, а нивната големина е во нанодимензии. Исто така можат да најдат примена и во производството на соларни ќелии, во автоиндустријата, односно во новите електрични автомобили што работат на батерии. Производството на батериите со графен и јаглеродни нанотуби ги зголемува нивниот капацитет и нивното времетраење.