Препораки за исхраната според заболувањето, за прехранбените потреби, како и контрола, а со цел побрзо оздравување ќе добиваат пациентите во Кабинетот за клиничка исхрана, кој денеска е отворен на Универзитетската Клиника за Гастроентерохепатологија.

Во Кабинетот за клиничка исхрана, кој првпат се отвори во Република Македонија, совети ќе добиваат пациентите кои треба да добиваат артефициална исхрана (ентерална или парентерална), која подразбира внесување хранливи материи преку дигестивниот систем.

Клиниката со средства од Фондот за здравствено осигурување набави нови ендоскопски капсули преку кои ќе се следат заболувањата на тенкото црево, што е многу значајно особено во делот на рано откривање на повеќе болести и превенција.

– Клиника за гастроентерохепатологија работи успешно на подобрување на услугите и условите за работа и ги зајакнува своите капацитети со соработка со други клиники и болници во делот на исхрана и клиничка потхранетост, рече на прес-конференција директорката на Клиниката, Калина Гривчева Старделова.

На прес-конференцијата по повод пуштањето во употреба на Кабинетот и ендоскопски капсули присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој истакна дека се обврзани заедно со СЗО и ги преземаат сите мерки за да ја промовираат здравата исхрана не само за пациентите, туку и за целокупното население.

Во врска со ендоскопските капсули рече дека со нив ќе се олесни дијагностицирањето на многу болести кои ќе се откриваат во рана фаза кога можат дури и целосно да се излекуваат.

– Министерството за здравство ќе продолжи и натаму во соработка со ФЗОМ да ги поддржува сите нови методи кои можат да се имплементираат на клиниките со цел да се подобри пристапот до здравствените установи и да се подигне квалитетот на здравствената услуга, додаде Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање Гривчева Старделова потенцира дека на сите пациенти кои ќе бидат хоспитализирани на Клиниката ќе им бидат направени соодветни мерења за да им се одреди нивниот нутритивен статус и при одење од Клиниката ќе се повторат мерењата за да се утврди колку болеста е таа што ја предизвикува потхранетоста на пациентите и колку пациентите внеле храна според препораката што им е дадена.

– Ќе понудиме на сите болници кои имаат потреба од ваков тип контроли, исхрана на пациентите кои не можат да се хранат доволно, за да им понудиме наш совет и заедно да ги контролираме. Имаме четворица пациенти со синдром на кратко црево, рече Гривчева Старделова и додаде дека во проекција е да се набават 25 ендоскопски капсули годишно, а ако се укаже потреба ќе бидат набавени и повеќе.