За прв пат во Македонија целосно вештачко срце е вградено кај 46 годишен маж од Штип во Клиничката болница “Аџибадем Систина”. Срцето на пациентот функционирало само со 15 отсто. Животот му висел на конец и единствен спас била ваквата интервенција која е направена во вторникот вечерта. Новото вештачко срце на пациентот ќе му овозможи пристоен живот во наредните 6 години за да може да дочека трансплантација.

Операцијата траела пет ипол часа, а кардиохирушкиот тим го предводел професорот Александар Николиќ.

-Пациентот по оперативниот зафат е во стабилна здравствена состојба и се чувствува добро, изјави проф.д-р Александар Николиќ, шеф на одделот за кардиохирургија во Клиничката болница “Аџибадем Систина”.

Досега во светот се изведени 1800 вградувања на целосно вештачко срце. Вакви најтешки и најкомплексни  кардиохируршки интервенции се направени само во 25 земји меѓу кои САД. Канада, Франција,Германија, Турција.

– Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија…”, изјави д-р Јана Марин, директор на болницата и член на Одборот на директори на „Аџибадем Систина“.

Тимот пред интервенцијата поминале обука во Германија. Вградувањето целосно вештачко срце во светот чини над 200.000 евра. Интервенцијата ја покрил Фондот за здравство за да немора пациентот да оди во странство. Во моментот во Македонија продолжување на животот со вештачко срце чекаат околу 30 пациенти.