И по 6 дена од бруталното тепање на 14 месечното бебе, полицијата не може да открие кој го извршил насилството. Обвинителството чека извештај од полицијата за понатамошни чекори, МВР, пак, со денови работи на расветлување на случајот и засега без лоцирање на кривична одговорност. Мајката на малото девојче, вчера попладне била пуштена од полициска станица по 24 часовен разговор со инспекторите. И додека надлежните го бараат виновникот, детето од КАРИЛ вчера е префрлено на Детска хирургија. Лекарите велат дека е во релативно добра општа состојба, но се уште не можат да предвидат какви последици ќе има од тешките повреди на главата.

Фрактурите ги саниравме, иако и за нив треба време да зараснат. Засега крварењата во мозокот ни прават најголем проблем. Секој ден по двапати го посетува и неврохирург и можеби кога ќе го испишеме од Детска хирургија ќе биде на неврохирургија, но, засега не можеме да предвидуваме, вели Марјан Камиловски, спец. По детска хирургија

Детето завршило на Ургентен со крварење во мозокот, скршеници на черепот, дехидрирано и неухрането а по лекарските испитувања биле утврдени и стари повреди кои не биле медицински третирани. Лекари од скопските клиники велат дека не паметат ваков случај на насилство и тоа кај  бебе.

-Сме имале повредени деца но тие повреди настанале во сообраќајќи, односно, ненамерно, но вакви намерни со насилство многу ретко, вели Камиловски

По завршување на медицинскиот третман, 14 месечното бебе од скопските клиники ќе оди во згрижувачко семејство по одлука на скопскиот центар за социјални работи. Мајката која исто така имала повреди на телото ја сместиле во Шелтер Центар. За овој случај и народниот правобранител и од детската амбасада Меѓаши, побараа поголем ангажман на социјалните служби кај семеејствата во ризик.