Пасиштата на Шар Планина се обраснати со смрека, не се знае колку од нив се активни, напуштени или пренаменети, а инфраструктурата е во катастрофална состојба. Патишта речиси нема, па, некој и да сака, не може да прошета и да ужива во природата, освен ако не дојде со џип.

Сточарството тука се негувало со години, но традиционалните практики полека се напуштаат и се забораваат.

Надлежните допрва ќе го мапираат биодиверзитетот. Планираат да извршат пошумување на дел од површините со автохтона вегетација, како и да постават поилки за овците и козите.

  • Јавното претпријатие за пасишта во однос на смреката не прави ништо. Се е обраснато, посебно на  Церепашина. Овците нема каде да пасат. Патиштата се катастрофа, а без тоа туристи нема. Секој ден сум на Шара и вчера бев таму. Туристи има и многу сакаат да доаѓаат. „Вие не знаете што имате“, ни велат, но со оваа инфраструктурата, сега, не можеме да развиваме туризам, вели претседателот на Здружението на одгледувачи на овци Меџит Амити.

Според професорот Јане Ацевски од Шумарскиот факултет, спорно е тоа што кај нас законските регулативи се преклопуваат, а тоа повлекува и голема неусогласеност. Од друга страна, пак, директивите на ЕУ ја стaваат смреката под заштита и не дозволуваат нејзина сеча.

  • Најголемата сериозна закана за пасиштата е нивното закоравување, обраснување со вегетација, посебно со смрека, зашто ова растение природно брзо се шири и е многу инвазивно. Главната мерка за да се врати биодиверзитетот е чистењето кое порано се вршеше со палење на смреката. Но, ќе се соочиме со друга работа која се уште не е пречка зашто не сме членка на ЕУ. Унијата веројатно не ги сфаќа нашите прилики тука, нашиот начин на управување и заштита на биодиверзитетот, објаснува професорот.

Од Здружението за одржлив развој „Милиеуконтакт Македонија“ кое го спроведува проектот „Заштита на биодиверзитетот на пасиштата на Шар Планина“, апелираат дека е неопходно чистење, реставрација и реконструкција на деградираните делови од пасиштата, мапирање на традиционалните култури и производи, нивно брендирање и промовирање.

  • Шар Планина изобилува со ендемични видови и природни реткости, но наш фокус се пасиштата. Сакаме делови од нив да заживееме, да ги заштитиме од смреки и грмушки, да ги засееме со автохтона вегетација, да се направат поилки, да имаме убаво уредено подрачје кое ќе овозможи агро и еко туризам, кое ќе биде една од првите заштитени зони или парк, па и споменик на природата, нагласува координаторот на проектот Александра Каракашова Сачкарска.

Официјалната класификација покажува дека на Шара има планински, ридски и варовнички пасишта.

  • На Шара секогаш постоело сточарство, тоа била примарна дејност на жителите. Но, со тек на времето се запоставувала и напуштала. Поради недостиг на инфраструктура и недоволна владина поддршка, не можеле да продолжат традиционалните практики, а тоа предизвикува уништување на пасиштата и ливадите, нивна пренамена за други цели со што се губи биодиверзитетот, укажува Каракашова Сачкарска.

Од Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта не можат да прецизираат со колку точно пасишта располага Македонија во моментов. Директорот Љуљзим Фејзулаи најавува регистар на пасишта, но дури откако ќе биде донесено соодветното законско решение.

  • Немаме точни податоци, но сметаме дека под пасишта се околу 600.000 хектари од кои 50.000 на Шар Планина. Оваа бројка не е официјална зашто на терен се соочуваме со узурпација, вели Фејзулаи и додава дека по финализирањето на регистарот што веќе се подготвува, ќе се знае колку од пасиштата се активни.

Проектот „Заштита на биодиверзитетот на пасиштата на Шар Планина“ почна во мај годинава и ќе трае до септември 2019. Се имплементира во соработка со Здружението на агроекономисти и Јавното претпријатие за пасишта. Предвидува идентификување на деградираните површини и изработка на инвестициски планови за нивна ревитализација, расчистување на пасиштата од смреки и поддршка на економската одржливост, како и на традиционалното сточарство. Освен заштита на природните ресурси, идејата е подобрување на животот на локалното население и на бизнис заедницата поради што и целни групи се фармерите, невладините прганизации и прватниот сектор.